ДА РАСТЕМЕ ЗАЕДНО – АОЛ еко мисија

На 22.12.2012,  со еколошката акција ДА РАСТЕМЕ ЗАЕДНО, Уметност на живеење Македонија, во полека успешно ги заокружи активностите  направени на полето на еколошките настани во годината која полека си заминува.

Дворот на градинарскиот центар Фоја каде се одвиваше акцијата, прошаран со украси и балони го исполнија џагорот на над 30 дечиња кои дојдоа да садат семки од даб и да се запознаат со процесот на растење и развивање на дрво од една семка. Веселите и љубопитни очиња го впиваа секој збор од стручните лица кои објаснуваа што значат дрвјата за нас и природата. Ниту студеното време и црвените носиња, не ги спречија во нивната намера да го насадат своето дрво, а со тоа во иднина да даруваат повеќе зеленило и чист воздух.

Откако ја засадија семката секој си напиша име на својата саксија, а во текот на годината тие ќе можат да го посетуваат, негуваат и заедно да растат со своето дрво. Потоа следеше заслужен топол чај и колачиња за вредните дечиња.

Садењето даб токму пред новогодишните и божиќните празници не е случајно избран. За македонскиот народ дабот има голема симболика, кога на Божиќ, гранки од даб се закачуваат на куќите, за да биде родна годината, да има бериќет и здравје во куќата.

Целта на оваа акција беше да ја потикнеме свеста кај децата од мали нозе за грижа и чување на природата како и потикнување на љубов за природата.