Хуманитарна акција „Избери љубов”

По повод новогодишните празници Уметност на живеење – Македонија, организираше хуманитарна акција „Избери љубов” , посветена на децата од социјално загрозени семејства. Оваа акција беше дел од традиционалните акции што АОЛ ги организира секоја година со цел да обезбедиме малку храна и подароци за дечињата од овие гладни семејства да можат и тие да ја почуствуваат радоста и топлината на празниците што доаѓаат.

Во креативната работилница, присуствуваа околу 40 деца, кои изработуваа новогодишни честитки, донираа храна, играчки и книги, кои ќе бидат составен дел од подароците за дечињата чии родители неможат да им овозможат подароци. Интересно беше што веќе знаеа што значи да бидеш хуман и да подариш и помогнеш некому кој нема. Токму затоа честитките ги изработуваа со голема радост, подаруваа со љубов.

Уште пред да започнат да креираат знаеја зошто се дојдени. Прекрасни, живописни честитки создадоа вредните прсти на дечињата во кои пишуваа пораки со желби за посреќна нова година, а на Дедо Мраз му порачаа да не ги заборави домовите на овие сиромашни дечиња. Сакаа барем малку да ја пренесат магијата на празниците и во нивните домови.

На настанот присуствуваа и познати музички ѕвезди, глумци и детски писатели, па заедно со нив танцуваа, глумеа замислувајќи се дека се во театар, читаа...Настанот беше подржан и од медиумите.